Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Историјат - хронологија


 
  Историјат - хронологија

  Битола уште во времето на османлиското владеење имала примитивен начин на снабдување со вода за пиење (бунари и јавни чешми). За таа цел се користеле водите што се прибирале од кај селата Лавци, Брусник, и Дихово. Водата се собирала во Бунари (еден од нив се наоѓал кај Расадникот) Оттаму со вода се снабдувале: турската војска, Сарајот, џамиите, црквите, домовите домовите на беговите и пашите.Во почетокот на XX век Битола имала над 200 чешми и била позната како град на чешми. Повисокиот дел на Битола - Баирот со вода за пиење се снабдувал од месноста Крива Воденица. На овај начин Битола се снабдувала со вода до 1911 година.
  По првата светска војна грижата за водоснабдувањето ја презела Општината која тогаш се викала Градско поглаварство. Во составот на тогашното здравствено одделение постоела служба за снабдување со вода.Тогаш бил направен и елаборат за снабдување со вода и за изградба на градски водовод во четири етапи,но никогаш целосно не бил реализиран.
   Во 1928 година бил изграден гравитационен водовод од Српската војска кој финансиски бил помогнат од Богословијата. За таа цел биле зафатени истечните води од околината на Битола (Лавчанска Корија) кои со железни цевки со профил од Ф-75 мм се доведувале во еден резервоар со капацитет од 200 m3 вода.
   По втората светска војна грижата за снабдување на Битола ја презема Народниот одбор на градот формирајќи посебно претпријатие. Претпријатието започнало подинамичен растеж зашто го следело вкупниот раст на градот. Со зафаќањето на водите од Баба Планина над селото Лавци, во месноста Неолица изведени се Дванаесет Кладенци со што бил изграден првиот водоснабдителен систем. Водата од 12-те кладенци чија издашност била 3.5л/сек., била доведувана во резервоарите изградени во месноста Смолево и Тумбе Кафе од каде пак преку соодветна водоводна мрежа била доведувана до касарните, офицерскиот дом, гарнизонската зграда и неколку јавни чешми.
   Водата од реката Сапунчица и другите зафати се доведува до резервоарот кај месноста Тепсија (познат под името Скоберни). Капацитетот на овај резервоар беше 600 m3, а беше изведен од камена ѕидарија со цементен малтер. Овој резервоар служел за израмнување на часовната потрошувачка за деноноќијата, во т.н. шпицеви. Резервоарот бил изграден во 1934/35 година.
  Во рамките на постојаната грижа за подобрување на водоснабдувањето биле превземени мерки за изградба на нови и проширување на постојаните објекти. Во овај контекст треба да ја споменеме изградбата на ХЕЦ “Сапунчица” во 1952 година. Водите од реката Сапунчица, Лак Поток и Стара Бука, по искористувањето од страна ХЕЦ “Сапунчица” за производство на електрична енергија, доаѓаа во две комори за таложење, потоа за филтрирање во првата Филтерска станица “Дихово”
   Подоцна, поради нараснатите потреби на населението и на индустријата на Битола, во текот на 1960/62 година беше реализиран нов проект за подобрување на снабдувањето со вода. Во рамките на тој проект беше изградена, а дури во 1970 година дадена во употреба, втората филтерска станица “Довлеџик “. Нејзиниот капацитет изнесуваше 240 л/сек. Тогаш за првпат граѓаните на Битола добија филтрирана и бактериолошки исправна вода за пиење.
  Потребите за вода за пиење се повеќе се зголемуваа, од тие причини беше изработен идејниот проект за водоснабдување на Битола до 2000 год. Со тој проект се предвидуваше дозафаќање на пелистерските води, и како преодно техничко решение до изградбата на ХМС “Стрежево”, користење на подземните води кај селото Ново Змирнево. Овде беа изградени осум цевкасти бунари во кои беа монтирани потопни и две потисни четворостепени центрифугални пумпи. Вкупниот капацитет на сите змирневски бунари беше 130 литри вода во една секунда. Змирневските бунари беа активирани во 1974 година.

Јавно претпријатие "Водовод" - Битола © 2011-2014 Сите права задржани